Добредојдовте

ДОБРEДОЈДОВТЕ ВО КУЈНАТА ЗА ЗДРАВА ХРАНА КАЈ НАНА ЖАНА

Многу сакам нови идеи, да испробувам нови рецепти, но секогаш сум претпазлива бидејќи се што е модерно и екстремно во исхраната не мора и да е најздравото за децата. Повеќе сакам едноставни традиционални јадења, кои се толку вкусни што ја грејат душата и телото. Претпочитам базични рецепти кои лесно се надградуваат со нови креативни идеи. Тие за мене се најздрави, безвременски, секогаш актуелни и се пренесуваат со генерации. На таква исхрана учете ги вашите деца, на нешто вредно, исконско и блиско до природата.

Убавината на еден здрав оброк е во едноставноста на припремата, нема крчкање, нема долго варење. Печено и свежо, печено и варено на пареа, печено на скара комбинирано со свежо овошје и зеленчук. Тоа е тајната на здравата  храна. Тоа е целата филозофија.

Јадењето треба да заведува со љубов во вашето срце, да мириса убаво, да се топи и на око и во уста.

Пејте додека готвите, тоа го научив од мојата свекрва и јадењата ќе ви бидат многу повкусни. Таа секогаш ќе ми остане во сеќавање насмеана, со кецела и марама на глава, и нејзината омилена песна “Пилето ми пее рано на сабајле“.

Сервирајте го јадењето со убави зборови и малку хумор, тоа ќе внесе ведрина на масата и ќе им отвори апетит на вашите најмили. Тоа го научив од мојата нане која секогаш прва го пробуваше јадењето со зборовите: “Колку е  вкусно прстите да си ги излижеш, пробајте го и тоа ќе ве засака засекогаш.”

ЈАДЕТЕ ВКУСНА И СВЕЖА ХРАНА:

  • ЕДНОСТАВНИ СОСТОЈКИ
  • ЛЕСНА  ПРИПРЕМА
  • ВКУСНИ  РЕЗУЛТАТИ

НЕКА ВАШЕТО МОТО  БИДЕ:

ЖИВЕЈ, САКАЈ И ЈАДИ ЗДРАВА ХРАНА

 

Мисли на вас и ве сака Нана Жана