Предговор

Децата се нешто најскапоцено и највредно во животот, тие се малечки дијаманти во различни нијанси кои го осветлуваат и осмислуваат нашиот живот. Затоа оваа страна им ја подарувам на сите деца и родители. Мудроста и искуството што ги стекнав со годините, тоа што го научив за здравото живеење, здравата храна и здрави рецепти, сакам да им го пренесам на младите генерации.

Здравствената култура на еден народ може да се подигне на повисоко ниво ако им се овозможи на родителите и децата да дознаат што е неопходно да се знае за здравата храна. Така што тие сами ќе можат да се грижат за своето здравје. Сакам да ги зближам родителите и децата и сите луѓе да стекнат меѓусебна доверба за подобро да се разберат. А од секогаш се велело, децата најдобро ќе научат за здрав начин на живеење од оној во кој имаат највеќе доверба, тоа се родителите. Децата се осетливи како лакмус хартија, тие го впиваат секој ваш збор.

Овде не се прикажани само здрави, едноставни и вкусни рецепти, овде се преточени моите искуства  за животот, љубовта, семејството и децата.

Секој  човек во животот треба да засади едно дрво, да создаде дом и семејство и да одгледа и воспита барем едно дете.

Секое период  во растењето на децата има свои радости. Должноста на родителите е да делуваат смирено на своето дете и да уживаат во него, а не да го потикнуваат да порасне побргу. Нека бебе биде бебе, нека дете биде она што е, и вие родителите и децата тогаш ќе бидете најсреќни.

ДЕЦАТА СЕ КАКО БРЕЗА КОЈА СЕ НИША И ТОГАШ КОГА ДРУГИТЕ СТЕБЛА НЕ ГО ЧУСТВУВААТ ВЕТЕРОТ.

Децата сонуваат чуда. Тие сакаат се да биде убаво и весело, сите луѓе да бидат среќни. Тие сакаат приказни со среќен крај. Не ги обесхрабрувајте, оставете ги да сонуваат за подобар свет, можеби нивните соништа некогаш ќе се оствараат.

Мили мои  дечиња и родители ајде да пробаме да создадеме хуман и реален свет полн со љубов и почит, да ги оживееме заборавените морални вредности. Ајде да им помогнеме на децата да ја сакаат и чуваат природата, живиот свет, сонцето и небото.

Почитувани родители

Учете го вашето дете да биде:

  • СКРОМНО – Човекот без скромноста е како цвет без мирис. (народна поговорка)
  • ЉУБЕЗНО – Убавиот збор и железни врати отвора. (народна поговорка)
  • ДРУЖЕЉУБИВО – Кој пријател најде нашол богатство. (библија)
  • ВРЕДНО – И боговите им помагаат на тие што работат. (латинска поговорка)
  • ЧЕСНО – Чесноста не се купува со пари. (арбанашка народна поговорка)
  • ХУМАНО – Гледај пред себе но секогаш сврти се и помогни му на тој зад тебе. (народна поговорка)

Учете го вашето дете да не биде:

  • АЛЧНО – Не посакувај туѓо,заради алчноста за туѓо можеш да го загубиш и своето. (јапонска народна поговорка)
  • ЕГОИСТ- Никој нема да те сака ако мислиш само на себе. (италијанска народна поговорка)
  • ИНАЕТЧИЈА – Мувата на мед слетува се дотогаш додека не изгуби глава. (италијанска народна поговорка)

ДЕЦАТА СЕ НАШАТА РАДОСТ

Ги сакам сите деца, сакам да играм со нив,  да трчам, да скокам, да се смеаме, да се спуштаме низ лизгалките и да се возиме во малото вовче. Ги сакав вртелешките во паркот и вистинските мечки што играа на улица од моето детство. Ги сакав луна-парковите од времето на моите деца, ги сакам водените паркови и игротеки во кои уживаме со моите внуци.

Децата будат чувство на радост, невиност и радозналост. И јас заедно со нив повторно станувам дете. Ајде да трчаме кој прв ќе стигне до дрвото, ајде да се смееме, да се радуваме на цвеќињата кои убаво мирисаат и не се кинат, на залезот на сонцето во огнени бои, виножито после дождот, да пееме заедно со птиците, тие ќе не слушнат и ќе дојдат на дрвото во нашиот двор.

ДЕЦАТА СЕ НАШАТА ОДГОВОРНОСТ

Здравата храна почитувани родители е многу релативна работа. Вегетаријанска, веганска, исхрана по крвни групи, ајруведа, макробиотика, сирова храна… Колку многу статии читате на интернет и вие пак се прашувате која е најздравата храна за вашето дете? Која да ја одберете? Не, драги  родители, нема универзално правило за здрава исхрана за сите луѓе. Секој човек, па и секое дете, е индивидуа за себе, ако за некој нешто е вкусно, на друг можеда не му одговара. Секое дете сака различно овошје и зеленчук, едното многу сака јагодки, другото јаболки, сите деца сакаат банани. Важно е вашето дете да јаде свежо овошје и зеленчук. Дајте му да јаде тоа што најмногу го сака. Важно е детето да јаде.

ДЕТЕТО ШТО ЈАДЕ И ИМА АПЕТИТ Е ЗДРАВО ДЕТЕ

Не е се во килограмите, многу поважно од просечната тежина и височина е сјајот во очите, добро расположено и живоста на детето. Ако се тоа е во ред, сеедно е да ли се наоѓа под или над просекот во табелата, затоа што наследниот фактор игра голема улога во телесната тежина на децата.

РАЗНОВИДНОСТА НА ХРАНАТА Е НАЈВАЖНА ЗА ЗДРАВЈЕТО НА ДЕЦАТА

Ниедна храна не е доволно добра ако се јаде во големи количества. Исто така и нездравата храна ако се јаде ретко покрај здравата секојдневна исхрана, не може да направи големи штети на здравјето.

Научив да готвам за моите деца од мојата нане и мојата мајка, да готвам здрава храна за моите внуци научив од мојата ќерка. Тие допринесоа јас потполно да ја сменам мојата кујна. Од многу месо секој ден, гурмански јадења и чварки, гулаши и кобасици, дојдов до свежа риба и многу свеж сезонски зеленчук и овошје. Сепак не се откажувам од традиционалните јадења за празници, прасето за Нова година, за Божиќ мисирка, за Велигден јагне. Еднаш годишно правам најубави ситни колачиња за своја душа и за моите пријатели. Така правеле нашите претци, нашите баби и дедовци и јас ја почитувам традицијата и семејните вредности.

Познат научник од Институтот за Липиди и Липопротеини од Грац (Австрија), Проф. Костнер ГМ имаше теза која зборува за следново: Се што се јаде во мали количества делува стимулативно а во големи количества негативно. Докажано е дека покачени липиди (холестерол и триглицериди, кои се причина за многу хронични заболувања како дијабетес, срцеви и бубрежни заболувања) имаат фамилијарна анамнеза, всушност се наследни.

Долго во мојата 38 годишна работа како специјалист по Медицинска Биохемија за Липиди и Липопротеини во крвта, размислував, истражував, се консултирав со докторите и пратев голем број на пациенти преку испитување на анализите во крвта. Од моето искуство можам да кажам дека иако некои болести се наследни, немора да значи дека потомците кои ги наследиле гените ќе заболат од истите болести. Или барем нема во толкава мера да станат хронични. Дали и во колкава мера ќе се манифестираат наследните болести многу зависи од исхраната, телесна тежина, физичка активност и она мое што јас го тврдам: позитивна мисла. Секогаш на моите блиски им велам, имајте позитивна мисла, радувајте се на малите работи. Една насмевка значи многу за вашето здравје и за здравјето на тие околу вас.

СЕКОГАШ СВРТЕТЕ СЕ НАКАЈ СОНЦЕТО И СЕНКИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ЗАД ВАС

Кога работев специјалистички труд  имав еден пациент кој имаше толку високи липиди, толку беше замастен што серумот му беше бел како млеко (од егзогени маснотии – хиломикрони). Многу сакав да дознаам кој е тој човек и што јаде. Тоа беше директор на познат угостителски ресторан кој секојдневно конзумирал големи количества месо на скара. Тогаш сватив дека никакви лекови нема да помогнат  ако нездраво се храниме. Исхраната покрај другите параметри ја игра една од најважните улоги во превенцијата на хроничните наследни заболувања.

ЗДРАВАТА ИСХРАНА Е НАЈГОЛЕМИОТ ВЛОГ ЗА НАШЕТО ЗДРАВЈЕ

Јас сум најголемиот противник на пиење многу лекови во моето семејство. Ги почитувам лекарите кога велат да се пијат лекови само кога е тоа неопходно. Секогаш претпочитам прво да се тргне од исхраната, физичка активности и слободно време исполнето со тоа што не прави среќни.

Моето искуство со лековите за покачен холестерол:  Кога во осумдесетите години почнаа да се произведуваат многу  лекови за намалување на холестеролот во крвта, докторите ги препишуваа, пациентите ги пиеја, и секој месец правеа контроли. Холестеролот на некои од нив толку многу се намали и дојде под долната граница на нормалата што е штетно за здравјето. Уште еден доказ, подобро да се спречи него да се лечи.

Кога работев на Институтот за Клиничка  Биохемија често посетував  пациенти на сите клиники. Се трудев да им ја ублажам болката со мојата насмевка. Најтешката ми беше посетата на клиниката  за детски болести. Кога одев да посетам некое детенце, сите болни дечиња од собата ми зборуваа, ме допираа за белиот мантил, нивните мали очиња како да молеа за помош. Не можев да гледам болни деца, излегував со насолзени очи молејќи се на господ што побргу да оздрават. Затоа на младите родители сакам  да им го пренесам моето искуство  за здравата храна и да им порачам дека готвењето не е баук и секогаш се наоѓа време за малите нешта што здравје значат за вашите деца.

Кога бев млада мајка немав време за готвење, работев, учев, полагав испити, научни трудови, симпозиуми и уште многу секојдневни работи. Мојот син кога беше мал многу сакаше слатки. Кога бев дома тој се качуваше на стол, па на работната маса во кујната, и го вадеше миксерот. Знаев дека сака да правиме слатки. Кога ќе ми речеше јас ќе ти помагам, јас ќе матам, немав срце да го одбијам колку и да бев уморена. Матевме заедно со децата, се смеевме, раскажувавме како било во школо и во градинка. Секогаш испробувавме нови едноставни рецепти. Возбудени чекавме како ќе испадне колачот, и ако понекогаш не беше успешен продолжувавме понатака. Нема откажување. Сепак тоа е само едно искуство повеќе. И така јас го засакав готвењето за моите најмили. Готвењето внесува топлина во секој дом и го соединува семејството.

Здравите навики не се вродени, тие се учат од мали нозе. Детето ќе јаде тоа што вие ќе му понудите, а кога ќе порасне ќе одлучи само. Тоа е семејната култура на живеење која го поставува животниот стил. За среќно и здраво семејство покрај здравата храна негувајте ја блискоста и љубовта.

  • гушкајте се повеќе пати  на ден
  • јадете заедно барем еднаш дневно
  • приредувајте им изненадувања на вашите најблиски
  • излегувајте заедно во театар за деца, во библиотека, на планина и во зоолошка градина

Од се срце сакам ова да допре до родителите за да одвојат прстофат од своето време и да ги читаат рецептите заедно со своите деца. Ако успеам да внесам радост во вашиот дом и да ве насмеам тоа ќе биде најголем подарок за мене. Во тоа е суштината на љубовта и нашето постоење.

Драги мои родители нека оваа страна Ви биде водич за здрава исхрана. Читајте ја и прифатете го само тоа што вие мислите дека е најдоброто за вашето дете.

 

Со почит,

Нана Жана